Генералниот секретар на ОН, кој попладнето пристигна во Мајдугури, Борно, центарот на џихадистичкиот бунт, даде изјава по посетата на бегалски камп. Одговарајќи на новинарско прашање, Гутереш рече: „Секако дека условите во бегалската населба (…) не се добри. Јас бев висок комесар за бегалци. Никогаш не сум видел бегалски камп во кој би сакал да живеам со своето семејство“.
„Затоа го правиме она што мораме во однос на хуманитарната помош за овие кампови“, внимавајќи всушност да обезбедиме развој и безбедност, додаде тој. Генералниот секретар на ОН, без новинарска придружба, посети камп за превоспитување на поранешните џихадистички борци. Тој се залага за „враќање во општеството на оние кои во момент на очај станаа терористи и кои сега сакаат да бидат граѓани“ кои ќе се залагаат за мир.
Пред да замине за Нигерија, Гутереш утрото ги посети бегалците и раселените лица во западен Нигер. Посетата на тој дел од Африка треба да заврши во среда. Кон крајот на март, повеќе од 4.000 Нигеријци кои избегаа од насилството на џихадистичките групи Исламска држава и Боко Харам се вратија дома и покрај несигурноста.
Во џихадистичкиот бунт што избувна на североистокот во 2009 година загинале повеќе од 40.000 луѓе, а 2,2 милиони биле раселени.






