недела, 13 април 2025

Шефот на НАТО за мировниот договор: Топката е јасно на теренот на Русија

Русија веројатно нема да може да им диктира услови на САД за прекин на огнот во војната во Украина, но руското раководство навистина треба да стори повеќе за „да стави крај на оваа војна“, рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте во интервју за Си-би-ес њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според него, по неодамнешните преговори во Вашингтон, на кои учествуваше претставникот на Кремљ Кирил Дмитриев, „топката очигледно е на теренот на Русија“.

„Тие не се движат доволно брзо. Мојот впечаток, вклучително и впечатокот што го добивам од моите американски соговорници, е дека Русија навистина треба да направи повеќе за да стави крај на оваа војна“, рече Руте.

Во исто време, тој истакна дека поради американскиот претседател Доналд Трамп „се поместивме од мртва точка“ во однос на војната во Украина.

„И јас сум му благодарен за тоа. Морам да кажам дека сојузниците овде, во последните неколку дена на средбите со министрите за надворешни работи, целосно ги поддржуваат напорите на САД да ја доведат оваа војна до праведен и траен крај“, нагласи генералниот секретар на НАТО.

Сепак, Руте не е сигурен дека рускиот претседател Владимир Путин сериозно размислува да стави крај на својата опсежна воена агресија против Украина. „Мислам дека ова сега е тест“, заклучи Руте.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ