„Ова е опасен момент за европската безбедност. Бројот на руски војници расте, а времето за предупредување за напад е се пократко“, рече Столтенберг.
„НАТО не е закана за Русија, но мора да бидеме подготвени за најлошото, додека истовремено сме цврсто посветени на изнаоѓање политичко решение“, додаде шефот на НАТО.
Денеска почнаа руско-белоруските воени вежби на територијата на Белорусија. Во вежбите недалеку од украинската граница учествуваат голем број војници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди натрупувањето руски војници на украинската граница како начин на „психолошки притисок“.
„Сметаме дека натрупувањето војници во близина на нашите граници претставува психолошки притисок од нашите соседи“, рече Зеленски, преку изјава од својот кабинет.
„Нема ништо ново. Што се однесува до ризиците, тие постојат и никогаш не престанале од 2014 година“, годината на руската анексија на Крим и почетокот на конфликтот со сепаратистите поддржани од Москва во источна Украина, додаде тој.
„Прашањето е нивото на ризик и начинот на кој реагираме“, продолжи тој.
Москва претходно денеска соопшти дека руската и белоруската војска започнале заеднички воени вежби во Белорусија, кои треба да траат десет дена. Русија од ноември собра повеќе од 100.000 војници на границата со Украина.
Оваа недела, украинската војска спроведува свои маневри на целата територија, користејќи турски борбени дронови и противтенковски ракети кои ѝ ги доставија Лондон и Вашингтон.
Шефот на руската дипломатија денеска ги оцени како контрапродуктивни заканите на Западот упатени до Русија, која е обвинета дека подготвува воена акција против Украина.
„Идеолошки пристапи, ултиматуми и закани не водат кон ништо“, рече Сергеј Лавров на почетокот на средбата со британската колешка Лиз Трас во Москва. Тој изрази жалење што „многу наши западни колеги имаат страст за таков тип на комуникација“.
Доколку Лондон сака да ги подобри односите со Москва, „секако дека ќе одговориме на ист начин, бидејќи не можеме да бидеме задоволни со меѓусебни односи кои се на најниско ниво“, рече Лавров.
Но, „односите можат да се нормализираат само преку дијалог со взаемно почитување и на рамноправна основа (…) со цел да се најдат решенија кои би биле заемно прифатливи“, нагласи тој.
Трас рече дека дошла во Москва за да ја „покани Русија да оди по патот на дипломатијата“. „Војна во Украина би била катастрофа за рускиот и украинскиот народ и за европската безбедност“, нагласи таа.
„Постои алтернативен пат, дипломатски пат, кој овозможува да се избегнат конфликти и крвопролевање“, додаде Трас.






