Пичаи ја нагласи важноста на богат информациски екосистем, наместо да се потпираат исклучиво на технологијата на ВИ, објави Би-би-си. „Затоа луѓето го користат пребарувачот на Гугл, а имаме и други производи кои подобро даваат прецизни информации“.
Пичаи, индиско-американскиот шеф на Алфабет, рече дека алатките за ВИ се корисни ако „сакате да напишете нешто креативно“, но предупреди дека луѓето треба да научат да ги користат овие алатки во она во што „се добри, а не само слепо да веруваат на сè што кажуваат“. „Горди сме на трудот што го вложивме во обезбедувањето на најточните можни информации, но моментално дури и најдобрата технологија на ВИ е склона кон грешки“, нагласи тој.
Пичаи разговараше со Би-би-си додека технолошкиот свет со нетрпение очекува нова верзија на комерцијалниот модел на вештачка интелигенција на Гугл, Џемини 3.0, кој во тековните верзии веќе врати дел од пазарниот удел во битката против ЧетГПТ. Неговите коментари се во согласност со истражувањето на Би-би-си спроведено претходно оваа година, кое заклучи дека ботовите со вештачка интелигенција се непрецизни при создавање краток преглед на вести.
ЧетГПТ на ОпенАИ, Копилот на Мајкрософт, Џемини на Гугл и Перплексити АИ добија содржина од Би-би-си со неколку прашања, а нивните одговори имаа „значајни неточности“, заклучено е тогаш.






