Избраните функционери во политиката имаат право на станбено згрижување во главниот град ако живеат повеќе од 40 километри возење од зградата на парламентот во Осло. Хансен ја навела својата втора адреса, во 500 километри оддалечениот Трондхајм, како своја официјална резиденција, со што добила право на еден од 143 наместени државни станови.
Заедно со сопругот во 2014 таа купила куќа во Ски, само 29 километри од Осло, но продолжила да живее во Трондхајм и не ја сменила официјалната адреса сè до 2017, кога се откажала од државниот стан. Хансен, пратеничка на Лабуристичката партија, кажа дека не планирала да ги крши правилата, но призна дека скандалот ја поткопал нејзината позиција како претседателка на парламентот.
„Јас не сум измамничка. Не сакав да направам ништо лошо. Не се збогатив. Плаќав кирија во Трондхајм и хипотека во Ски. Навистина е лошо тоа што како претседателка на парламентот погрешно ги сфатив прописите“, кажа Хансен.
Силви Листхауг, парламентарната лидерка на опозициската Прогресивна партија, ја поздрави оставката на Хансен. „Свесна сум дека тоа е тешка ситуација за неа и нејзиното семејство, но немаше излез“. Изрази загриженост дека скандалот би можел да го наруши угледот на парламентот, во земјата во која довербата во политичарите е генерално висока. „Тука станува збор за довербата на граѓаните. Потребен ни е некој со чисти сметки да го води парламентот“.
Хансен е парламентарна пратеничка од 2005 година. Откако стана претседателка, вети дека ќе ја врати довербата во парламентот по бројните тужби за недолично однесување на пратениците. Беше именувана по парламентарните избори во септември кога Јонас Гар Сторе беше избран за норвешки премиер.






