Се верува дека две балистички ракети со краток дострел биле испукани кон исток од провинцијата Северен Пјонган на северозападниот брег на Северна Кореја. Севернокорејската агенција КЦНА објави дека е одржана вежба за тестирање на стручноста во постапките на употребата на ракетно оружје лансирано од мобилни железнички вагони.
Претходните две лансирања го вклучија она што државните медиуми го нарекоа „хиперсонични проектили“, способни за големи брзини и маневрирање по лансирањето. Вежбата се случи само неколку часа откако Пјонгјанг го осуди американското барање нови санкции од ОН поради неодамнешните лансирања, кои беа оценети како провокативни.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун не присуствуваше на вежбата, а новинската агенција КЦНА јави дека е точно погодена целта поставена на источниот брег со „две тактички водени ракети“.






