Под Ким Џонг Ун, Пјонгјанг ги засили сајбер нападите, начин на кој земјата, која е под повеќекратни меѓународни санкции поради своите забранети воени програми, собира девизи.
Тимот за мониторинг на мултилатералните санкции (МСМТ), кој го следи спроведувањето на санкциите на ОН против Северна Кореја, откри дека севернокорејските хакери проневериле најмалку 1,65 милијарди долари помеѓу јануари и септември 2025 година.
Од оваа сума, 1,4 милијарди долари биле проневерени во февруари од берзата за криптовалути Бајби, според извештајот на МСМТ.
Овие проневери се додаток на нелегалниот профит на Северна Кореја од криптовалути, кој изнесуваше 1,2 милијарди долари во 2024 година, соопшти МСМТ.
Пјонгјанг ги инвестира овие средства во „нелегален развој на своите програми за оружје за масовно уништување и балистички ракети“, се вели во извештајот.
Се додава дека севернокорејските функционери користеле криптовалути за трансакции поврзани со набавки, вклучително и продажба и трансфер на воена опрема и суровини, како бакар, што се користат во производство на муниција.
Земјата исто така ги заобиколи санкциите на ОН со испраќање државјани специјализирани за ИТ во најмалку осум земји.
Повеќето отишле во Кина, но други во Русија, Лаос, Камбоџа, Екваторска Гвинеја, Гвинеја, Нигерија и Танзанија.
МСМТ откри дека Пјонгјанг наводно размислува да испрати „40.000 работници во Русија, вклучувајќи неколку делегации на ИТ работници“.
Според санкциите на ОН, на севернокорејските работници им е забрането да заработуваат пари во странство.
Пјонгјанг доби клучна поддршка од Русија во последниве години, испраќајќи ѝ илјадници севернокорејски војници да се борат заедно со руските сили во Украина.
МСМТ е основан во октомври 2024 година. Ја вклучува Австралија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Холандија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Обединетото Кралство и САД.






