Државната новинска агенција КЦНА извести за шест смртни случаи од бранот на вирусот кој забрзано се шири, од кои еден бил позитивен на омикрон варијантата на коронавирусот.
Агенцијата објави дека почнувајќи од април, повеќе од 350.000 луѓе имале температура „во краток временски период“, додавајќи дека најмалку 162.200 од нив се „целосно излекувани“ од тогаш.
Агенцијата соопшти дека причината за вирусот „не може да се идентификува“ и дека „експлозивно се шири низ целата земја“.
Не е јасно колку луѓе всушност се заразени со коронавирусот.
Набљудувачите велат дека бројките укажуваат на потенцијално страшните размери на епидемијата на вирусот во земјата. Експертите долго време предупредуваа дека Северна Кореја ќе има потешкотии да се справи со голема епидемија поради несоодветноста на нејзиниот здравствен систем.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нареди карантин низ целата земја во четвртокот и сите градови мора да бидат затворени. Нејасно е како граѓаните ќе се снабдуваат со основните потреби бидејќи им е наредено да останат дома.
Според ОН, голем дел од населението од речиси 26 милиони луѓе е неисхрането.
Новиот претседател на Јужна Кореја Јун Сук Јол, кој ја презеде функцијата оваа недела, планира да обезбеди вакцини за ковид-19 и друга медицинска поддршка за Севернокорејците, а неговата влада ќе разговара за деталите со Пјонгјанг, рече неговата портпаролка во петокот, без да даде детали.
Јун пред новинарите во петокот рече дека планира да предложи одржување разговори на работно ниво со Северна Кореја преку министерството за обединување на земјата, кое се занимава со меѓукорејските работи, објави јужнокорејскиот Њуз1.






