Најмалку четири земјотреси, од кои сите природни, ја погодија областа во последните пет дена, според Корејската метеоролошка агенција (КМА) во Сеул. Последниот се случи во вторникот наутро со јачина од 2,5 степени и епицентар на околу 36 километри од полигонот за нуклеарно тестирање Пунгје-ри.
Два земјотреси со јачина од 2,3 степени се случија во понеделникот, а уште еден со јачина од 3,1 во петокот.
Пунгје-ри во североисточна Северна Кореја е единствениот познат полигон за нуклеарни тестови. Последниот познат тест беше извршен во септември 2017 година кога е детонирана шестата и најголема нуклеарна бомба дотогаш. Пјонгјанг објави дека тоа било термонуклеарна бомба и тврдеше дека така ја комплетирал својата нуклеарна сила.
Во следните недели, во близина на базата се случија серија земјотреси и одрони.
Северна Кореја го затвори полигонот во 2018 година пред очите на помала група странски новинари и не им дозволува на меѓународни експерти да проверат.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вели дека повеќе не е обврзан да се придржува на самонаметнатиот мораториум на нуклеарни тестови, а земјата во јануари соопшти дека размислува да продолжи со тестирање на нуклеарно оружје и балистички проектили со долг дострел бидејќи преговорите со Соединетите Држави и нивните сојузници не напредуваат.
Сателитските снимки, во меѓувреме, не покажаа никакви знаци на поголема активност на тој полигон, освен рутински безбедносни патроли и одржување.






