Властите во Придњестровје, сепаратистички регион поддржан од Москва во источна Молдавија, денеска известија за експлозии во радио-телевизиската кула и прекин на емитувањето на руското радио. „Рано утрото одекнаа две експлозии во селото Мајак, во областа Григориопол“, соопшти министерството за внатрешни работи на самопрогласената република, која не е признаена од меѓународната заедница.
Експлозиите не предизвикаа човечки жртви, туку ја оштетија радио-телевизиската кула и оневозможија две антени што емитуваа руско радио. „Две силни антени што пренесуваат руски радиофреквенции се надвор од употреба“, додаде министерството, додавајќи фотографии од уништените антени што лежат на земја.
Придњестровскиот радио-телевизиски центар е еден од 14-те радиопредаватели на поранешниот СССР.
Во понеделникот, придњестровските власти објавија дека неколку гранати од рачен противтенковски фрлач биле испукани врз седиштето на министерството за јавна безбедност во Тираспољ, главниот град на самопрогласената република. Во нападот немало повредени.
Придњестровје се наоѓа во источна Молдавија и се отцепи од земјата во 1990 година по кратката граѓанска војна по распадот на Советскиот Сојуз. Има околу 500.000 жители, а Русија таму има распоредено околу 1.500 војници да служат како мировници.
Молдавија во последните денови изрази загриженост поради изјавата на рускиот генерал дека Москва сака да ја преземе контролата врз јужна Украина за да има директен пристап до сепаратистичката енклава, која Москва ја поддржува економски и воено.
Генералот Рустам Минекаев, командант на рускиот Централен воен округ, исто така рече дека населението во Молдавија што зборува руски е жртва на „репресија“.
Молдавија го повика рускиот амбасадор и му врачи протестна нота против изјавите што се сметаат за закана и ја повика Москва да го почитува „територијалниот интегритет“.






