недела, 15 јуни 2025

Семејството го пречека израелско-американскиот заложник по 19 месеци во рацете на Хамас (ФОТО+ВИДЕО)

Израелско-американскиот заложник Едан Александар повторно е со своето семејство во Израел откако помина 19 месеци во заробеништво на Хамас во Газа.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Дваесет и едногодишниот Александар служел во израелската војска на границата со Газа кога бил заробен од членови на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Во понеделник, Израел ги прекина воените операции во Газа на неколку часа за да се овозможи неговата размена. Висок функционер на Хамас изјави за Би-би-си дека ослободувањето на заложниците е „гест на добра волја“ како дел од напорите за постигнување нов прекин на огнот пред пристигнувањето на американскиот претседател Доналд Трамп на Блискиот Исток во вторник.

Се верува дека Александар е последниот жив американски државјанин во заробеништво на Хамас.

Претседателот Трамп му честиташе на семејството за неговото ослободување.

Телевизиските снимки го покажуваат Едан Александар како насмеано ги прегрнува своите родители и браќа и сестри во израелска воена база.

Во изјава за медиумите, неговото семејство му се заблагодари на американскиот претседател, но исто така ги повика израелската влада и преговарачите да продолжат да работат на ослободување на преостанатите 58 заложници.

Александар е првиот заложник ослободен од Хамас откако Израел ги продолжи воените операции на 18 март по двомесечното примирје.

Во понеделник, тој беше снимен во друштво на маскирани борци на Хамас додека им беше предаван на работниците на Црвениот крст во градот Кан Јунис, јужна Газа.

Потоа тој беше предаден на израелските власти во Газа и пренесен во јужен Израел, каде што беше повторно обединет со своето семејство. Израелската армија соопшти дека обезбедила „безбеден коридор“ за негово ослободување.

Во видео објавено на профилот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на мрежата Икс, мајката Јаел Александар разговара со својот син по телефон.

„Силен си. Заштитен си. Дома си“, му вели таа.

Нетанјаху го опиша враќањето на Александар како „многу емотивен момент“ и му се заблагодари на Трамп за неговата поддршка.

Тој додаде дека ослободувањето се случило благодарение на воениот притисок врз Хамас и „политичкиот притисок што го изврши претседателот Трамп“.

Нетанјаху исто така рече дека Израел има намера да ги интензивира воените акции во Газа и дека нема да има прекин на огнот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ