Во извештај направен по барање на Конгресот, американското Министерство за надворешни работи наведува дека не може да даде „точна проценка“ бидејќи постои сомневање дека семејството Асад има имот под позајмени имиња или скриен под нетранспарентни компании.
„Процените врз основа на информациите достапни за сите обично го одредуваат богатството на семејството Асад меѓу една и две милијарди долари“, се вели во јавниот дел од извештајот, чии делови се означени како тајни.
Семејството Асад е во првите редови на сложен систем што вклучува параван-компании, кои му служат на режимот за пристап до финансиските ресурси, се вели во извештајот, во кој се цитираат информации од невладините организации и медиумите.
Процените ги вклучуваат сопругата на претседателот, неговиот брат, сестра, братучеди и вујко. Повеќето од нив се под удар на американските санкции.
Стејт департментот наведува дека нема доволно информации за имотот на трите деца на Башар ал Асад, од кои најмалото има 17 години.
Соединетите Американски Држави имаат воведено санкции со кои се спречува нормализацијата со сирискиот претседател, кој ја врати контролата врз голем дел од сириската територија по една деценија војна.
Меѓутоа, другите земји одат по спротивен пат. Башар ал Асад во март ги посети Обединетите Арапски Емирати, што е негова прва посета на арапска земја од почетокот на војната во 2011 година.






