петок, 27 февруари 2026

Се заоструваат односите меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговараа за руската нафта

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и словачкиот премиер Роберт Фицо денес разговараа телефонски, во услови на тензии меѓу двете земји поради прекинот на снабдувањето со руска нафта преку нафтоводот Дружба, кој поминува низ украинска територија, соопшти Киев.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Претседателот го покани во Украина за да разговара за сите постоечки проблеми“, се вели во соопштението од кабинетот на украинскиот претседател.

Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното отворање на нафтоводот Дружба, кој минува низ украинска територија и овозможува испорака на руска нафта во Братислава и Будимпешта. Делот од нафтоводот кој се наоѓа во Украина бил оштетен во руски напади во јануари.

Унгарија и Словачка тврдат дека во меѓувреме е поправен, но украинскиот претседател Володимир Зеленски, прашан за тоа во вторник, навести дека работата сè уште не е завршена. Тој, исто така, ја повика Будимпешта да разговара за ова прашање со Москва, која, според него, го бомбардирала нафтоводот „во повеќе наврати“ како дел од нападите врз украинската енергетска инфраструктура.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, близок до Владимир Путин, во петокот на својот Фејсбук профил објави дека тој и Роберт Фицо се согласиле да формираат „унгарско-словачка истражна комисија“ за да ја утврдат состојбата на нафтоводот. Орбан го повика Зеленски да им дозволи на унгарските и словачките инспектори да влезат во Украина за да го „пуштат повторно во функција“ нафтоводот.

Роберт Фицо завчера изјави дека продолжувањето на испораките преку Дружба е повторно одложено за 3 март.

Виктор Орбан го блокира доделувањето на заем од Европската Унија во вредност од 90 милијарди евра за Украина, како и усвојувањето на нови санкции против Москва, сè додека Киев не ги продолжи испораките на руска нафта преку Дружба.

По почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, Европската Унија воведе забрана за увоз на поголем дел од нафтата од Русија. Сепак, нафтоводот Дружба беше привремено исклучен од оваа забрана за да им се даде време на земјите од Централна Европа да најдат нови решенија. Унгарија и Словачка сепак продолжуваат да увезуваат руска нафта преку нафтоводот, кој беше цел на повеќекратни напади.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ