Ослабен во три години мандат и дипломатски изолиран, Болсонаро пристигна во Унгарија од Москва каде што во екот на кризата меѓу Русија и Западот околу Украина ја истакна „солидарноста“ со рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Франс прес.
Во Унгарија, бразилскиот претседател и унгарскиот премиер испратија порака за согласност на голем број прашања и подготвеност за економска и воена соработка.
Болсонаро го поздрави „унгарскиот“ брат, „со мал стас, но голем по вредностите што ги претставуваме, а што може да се сумираат во четири збора: Бог, татковина, семејство и слобода“, рече тој.
Посетата на Болсонаро е прв пат 9,8 милионската Унгарија да го прими шефот на државата на најголемата латиноамериканска економија.
Односите меѓу двете земји се зајакнаа во последните години бидејќи нивните лидери делат ставови во однос на миграцијата, прогонот на христијаните, одбраната на семејните вредности, но и посветеноста на слободната трговија и воениот развој, рече Орбан на заедничката конференција.
Бразил и Унгарија ќе им се спротивстават на големите меѓународни организации кои сакаат да озаконот миграцијата да се претставува како позитивна појава, рече Орбан, додавајќи дека „постојат земји – да ги наречеме трезвени – кои не сакаат да го променат светот како резултат на миграциите“.
Унгарија и Бразил се противат на глобалниот мигрантски договор на Обединетите нации и ќе воспостават „систем за рано предупредување“ доколку какви било препораки поврзани со миграцијата се во спротивност на нивните интереси, рече тој.
Двете земји сметаат дека е „апсурдно“ тоа што христијанството е најпрогонуваната религија во светот денес и дека „цивилизацијата родена од христијански корени, првенствено европската цивилизација, прави толку малку“ за да ги заштити оние кои се прогонувани поради својата вера, рече Орбан.
Двете земји потпишаа договор според кој заедно ќе им помогнат на прогонетите христијански заедници во Африка и потпишаа други договори за соработка, вклучително и за одбраната.
Откако се врати на власт во 2010 година, Виктор Орбан се обидува да ги зајакне врските со земјите надвор од Европската унија, која редовно го обвинува за кршење на демократијата. Затоа Орбан се отвори кон исток, кон Русија и Кина.






