Со децении, Дипломатскиот кварт во Ријад се издвојуваше од остатокот од главниот град како богата енклава на амбасади и луксузни резиденции. Сега, во еден скромен, необележан комплекс во ексклузивниот кварт, се отвори мала продавница, која служи како дискретен тест за една од најчувствителните промени во саудиската политика – контролираната продажба на алкохол на богати немуслимански странци.
Саудиска Арабија, дом на двете најсвети места на исламот, ја забрани продажбата на алкохол во 1952 година. Но, под водство на престолонаследникот Мохамед бин Салман, кралството воведе сеопфатни реформи во последниве години, претставувајќи се како поумерено општество отворено за инвестиции. Повторно се отворени кина, се одржаа големи музички фестивали, забраната за возење на жени е укината, а овластувањата на верската полиција се ограничени. Но, тивкото воведување на легалната продажба на алкохол е веројатно најсмелиот експеримент досега.
Продавницата за алкохолни пијалаци првпат се отвори во јануари 2024 година, но влезот првично беше ограничен на немуслимански дипломати. Според новите правила, воведени без претходна најава кон крајот на 2025 година, и богатите странски жители кои не се муслимани сега можат да купуваат пиво, вино и жестоки пијалоци. За да се квалификува, странец мора да поседува дозвола за премиум престој, која чини 100.000 саудиски ријали (27.000 долари) годишно, или да докаже дека заработува најмалку 50.000 ријали месечно. При влегувањето, на обезбедувањето мора да им ја покажат картата за престој, која содржи информации за нивната религија и статус на престој. Оние без премиум дозвола мора да приложат и потврда за плата. На странските туристи не им е дозволено да влезат во продавницата.
Неколку клиенти кои купувале во продавницата разговараа со Би-би-си под услов на анонимност. Пред да влезат, мобилните телефони се запечатуваат во специјални кеси, а редиците за влез можат да траат повеќе од еден час. Еден европски емигрант ја опиша продавницата како „добро снабдена“, со цени „два до три пати“ повисоки во споредба со западните пазари, но значително пониски отколку на црниот пазар во Саудиска Арабија.
„Шише Џони Вокер Блек Лејбл ме чинеше 124 долари. Но, не ми пречи да платам толку повеќе“, вели британски менаџер. Купувањето е регулирано со месечен систем на квоти базиран на поени, за кој клиентите велат дека е доволно дарежлив за да му овозможи на секое лице да купи десетици литри жестоки пијалоци месечно. Дипломатите добиваат попусти на своите купувања.
Владата не даде официјално соопштение за промената на политиката, а многу клиенти велат дека дознале за тоа преку усни информации. Продавницата дури и не се појавува на онлајн мапите. Аналитичарите веруваат дека двосмисленоста е намерна, за властите да ја задржат неизвесноста околу тоа колку промената би можела да се прошири.
Себастијан Сонс, виш истражувач во германскиот институтот Карпо, вели дека властите внимателно постапуваат. „Тие се подготвени да направат два чекора напред и еден чекор назад, доколку е потребно, кога станува збор за чувствителни прашања. Истото може да биде и со алкохолот.“ Алкохолот е забранет според исламскиот закон, и покрај забраната, тој е достапен со децении на црниот пазар или преку амбасади, кои можеле да го увезуваат во неограничени количини.
Промената на политиката се совпаѓа со растечките економски притисоци врз земјата. Со пониските цени на нафтата, Саудиска Арабија се обидува да привлече повеќе странски посетители и висококвалификувани иселеници за да го поттикне растот во ненафтените сектори. Ријад исто така го намали опсегот на некои амбициозни инфраструктурни планови, како што е проектот Неом, поради буџетски ограничувања. Туризмот е клучен столб на Визијата 2030, која има за цел да привлече 70 милиони меѓународни туристи до таа година. Земјата ќе биде домаќин на големи настани како што се Светскиот саем во 2030 година и Светското првенство во фудбал во 2034 година.
Според извештаите на медиумите, властите планираат да отворат уште две продавници за алкохол, едната во Џеда, а другата во Дахран, со истите ограничувања. Угостителската индустрија веќе се подготвува за понатамошно ублажување на ограничувањата, а неколку хотелски групации почнаа да вработуваат шанкери во очекување да се дозволи продажба на алкохол и на туристи. „Доколку правилата се променат, сакаме да можеме веднаш да реагираме“, рече висок извршен директор во мултинационален хотелски синџир.
Експертите велат дека туристичките дестинации како што се островите на Црвеното Море и античкиот град Ал-Ула би можеле да бидат меѓу првите места каде што алкохолот ќе биде пошироко достапен. „Алкохолот можеби не е главниот двигател, но сигурно би можел да помогне во привлекувањето повеќе западни туристи“, рече Тим Кален од Институтот за арапски заливски држави. Аналитичарите не очекуваат Саудиска Арабија да го следи либералниот модел на Дубаи, туку порестриктивен пристап сличен на оној во Катар, каде што алкохолот е дозволен само во одредени хотели.
Алкохолот останува многу чувствителна тема во земјата каде што речиси две третини од населението се саудиски државјани. Еден саудиски интелектуалец, зборувајќи анонимно, вели дека алкохолот останува „големо општествено табу“. „Повеќето Саудијци кои ги поздравија реформите во последниве години, исто така, ќе се двоумат јавно да го поддржат ова. Дури и Саудијците кои консумираат алкохол го прават тоа надвор од земјата или приватно во своите домови“. Засега, многу Саудијци и емигранти продолжуваат да патуваат преку границата до Бахреин, каде што алкохолот е легално достапен за сите.






