вторник, 30 декември 2025

Саудиска Арабија го бомбардираше Јемен (ФОТО+ВИДЕО)

Саудиска Арабија го бомбардираше јеменскиот пристанишен град Мукала поради, како што наведува, пратка оружје наменетa за сепаратистичките сили, коja пристигналa во градот од Обединетите Арапски Емирати.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Нападот сигнализира нова ескалација на тензиите меѓу кралството и сепаратистичките сили на Јужниот преоден совет, поддржани од Емиратите. Односите меѓу Ријад и Абу Даби, кои ги поддржуваат спротивставените страни во децениската војна во Јемен, исто така се затегнуваат.

Во соопштение на војската објавено од државната Саудиска новинска агенција се вели дека нападите следеле по пристигнувањето на бродовите од Фуџаира, пристанишен град на источниот брег на ОАЕ. „Екипажот на бродовите ги исклучиле уредите за следење, а од бродовите било истоварено големо количество оружје и борбени возила во поддршка на силите на Јужниот преоден совет“, се вели во соопштението.

„Со оглед на тоа што споменатото оружје претставува непосредна закана и ескалација што го загрозува мирот и стабилноста, воздухопловните сили на Коалицијата утрово спроведоа ограничен воздушен напад насочен кон оружје и воени возила истоварени од два брода во Мукала“, се додава во соопштението.

Засега не е јасно дали имало жртви во нападот или дали во операцијата учествувале и други армии освен саудиската. Саудиската војска соопшти дека нападот бил извршен во текот на ноќта за да се осигури дека „нема колатерална штета“.

Обединетите Арапски Емирати не одговорија веднаш на барањето на АП за коментар. Сателитскиот информативен канал АИК, поврзан со Јужниот преоден совет, потврди дека нападот се случил, без да даде дополнителни детали.

Аналитичарите веруваат дека нападот веројатно бил насочен кон брод идентификуван како „Гренланд“, ро-ро брод регистриран во Свети Кристофер и Невис. Податоците за движењата на бродот анализирани од АП покажуваат дека бродот бил во Фуџаира на 22 декември и дека пристигнал во Мукала во недела. Другиот брод сè уште не е идентификуван.

Мохамед ал-Баша, експерт за Јемен и основач на советодавната фирма „Баша Рипорт“, се осврна на снимки објавени на социјалните мрежи на кои наводно се гледаат нови оклопни возила како минуваат низ Мукала по пристигнувањето на бродот. Сопствениците на бродот, со седиште во Дубаи, не беа достапни за коментар.

„Очекувам одмерена ескалација од двете страни. Јужниот преоден совет, кој е поддржан од ОАЕ, веројатно ќе одговори со консолидирање на контролата. Во исто време, протокот на оружје од ОАЕ до Советот веројатно ќе се намали по нападот врз пристаништето, особено затоа што Саудиска Арабија го контролира воздушниот простор“, предвидува ал-Баша.

Снимките подоцна емитувани од саудиската државна телевизија, а за кои се чинеше дека се направени од авион за надзор, наводно покажаа оклопни возила како се движат низ Мукала кон просторот за собирање. Видовите возила се совпаѓаат со оние на снимките објавени на социјалните медиуми.

Мукала се наоѓа во јеменската покраина Хадрамаут, која беше заземена од силите на Советот во последните денови. Пристанишниот град е на околу 480 километри североисточно од Аден, кој стана центар на моќта на антихутиските сили во Јемен откако бунтовниците го зазедоа главниот град Сана во 2014 година.

Нападот врз Мукала дојде откако Саудиска Арабија изврши воздушни напади врз силите на советот во петокот, што аналитичарите го опишаа како предупредување до сепаратистите да го запрат напредувањето и да ги напуштат провинциите Хадрамаут и Махра.

Силите на советот ги потиснаа таму војниците поврзани со Саудијците, вклучувајќи ги и Националните заштитни сили, друга група во рамките на коалицијата што се бори против Хутите.

Поддржувачите на Советот сè повеќе го истакнуваат знамето на Јужен Јемен, држава што постоеше од 1967 до 1990 година. Демонстрантите се собираат со денови во знак на поддршка на политичките сили кои повикуваат на повторно отцепување на јужен Јемен.

Потезите на сепаратистите дополнително ги затегнаа односите меѓу Саудиска Арабија и ОАЕ, кои одржуваат блиски врски и се членки на нафтениот картел ОПЕК, но во последниве години се натпреваруваат за влијание и меѓународни работи. Во исто време, насилството ескалира во Судан, друга земја на Црвеното Море, каде што Саудиска Арабија и Емиратите поддржуваат спротивставени страни во тековната војна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ