Американскиот претседател Џо Бајден пред новинарите потпиша закон со кој се овозможува забрзување на испраќањето воена опрема во Украина, со што повторно се активира еден закон од Втората светска војна.
„Украинците секој ден се борат за своите животи“, рече Бајден во Овалната соба, додавајќи: „Таа борба е скапа, но попуштањето пред агресијата би било уште поскапо“.
Потпишаниот документ, „Акт за позајмување-закуп за одбрана на демократијата на Украина од 2022“, познат како Ленд-лиз, ќе го забрза трансферот на воена опрема и други важни резерви во Украина со намалување на бирократските процедури. Дозволува брзо давање опрема, со одредби што предвидуваат дека земјите-приматели некогаш подоцна ќе им платат на САД.
Законот беше поддржан од речиси сите претставници во Конгресот, освен десетмина од Претставничкиот дом што гласаа против, се вели во соопштението на Белата куќа.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, администрацијата на Бајден му испрати на Киев воена помош од околу 3,8 милијарди долари.
Оригиналниот „Акт за позајмување-закуп“ беше донесен од претседателот Френклин Делано Рузвелт во март 1941 година – девет месеци пред САД да влезат во Втората светска војна – и изнесуваше 50,1 милијарди долари (во денешна вредност од 980 милијарди долари) до септември 1945 година. Иако сојузниците, меѓу кои беше и Советскиот Сојуз, требаше да платат за оваа помош, наместо тоа, САД прифатија да закупат бази за својата војска.






