Документот беше претставен за време на состанокот во Каиро минатата недела во присуство на пратеникот на Трамп за Газа, Николај Младенов, и Ари Лајтстоун, помошник на специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, објави денес Ројтерс.
Со планот договорен во октомври помеѓу Израел и Хамас, е предвидено повлекување на израелските трупи од Газа и почеток на реконструкција откако Хамас ќе го положи оружјето.
Во четврток, Младенов на социјалната мрежа Икс истакна дека се во тек сериозни напори за обезбедување помош за воено разорената Газа, со рамка за реконструкција договорена од медијаторите.
Хамас, поддржан од Иран, би можел да добие амнестија доколку се согласи да предаде тешко вооружување и лесно оружје, вклучувајќи пушки, но групата досега го одбиваше таквиот потег поради страв од напади од страна на ривалите во Газа.
Израел сè уште контролира околу половина од територијата на Газа, додека Хамас одржува цврста контрола над преостанатиот дел од енклавата и над два милиони жители, од кои мнозинството останале без своите домови поради двегодишната војна.
Преговорите за амнестија и целни инвестиции во Газа беа претставени како стимулации за Хамас, но останува нејасно дали Комитетот за мир на Доналд Трамп има доволно средства за нивно спроведување.






