Рубио ѝ се заблагодари на курдистанската влада што дозволи нафтата од Ирак, вклучително и од ирачкиот Курдистан, да стигне до светските пазари во време кога војната во Иран ги зголеми цените и го потресе глобалното снабдување, објави Ројтерс.
Според Стејт департментот, Рубио изрази сочувство до семејствата на членовите на Пешмерга кои беа убиени во иранскиот ракетен напад на 24 март и им посака брзо закрепнување на повредените.
Во нападот врз база северно од Ербил во ирачки Курдистан загинаа најмалку шест курдски борци Пешмерга, а ранети се уште 30. Во соопштението, Пешмерга го обвинија Иран за нападот, велејќи дека шест ирански балистички ракети го погодиле нивниот воен штаб.
Војната започна на 28 февруари кога САД и Израел го нападнаа Иран. Техеран одговори со напади врз Израел и заливските земји каде се сместени американски воени бази. Во заедничките напади на САД и Израел врз Иран и израелските напади врз Либан загинаа илјадници луѓе.
Американскиот претседател Доналд Трамп изложуваше променливи цели и временски рамки за војната, почнувајќи од соборување на иранската влада до уништување на нејзините воени и ракетни капацитети. Во четврток, тој повтори дека верува оти неговата страна победила во војната.






