сабота, 20 декември 2025

САД извршија рација на уште еден танкер во близина на Венецуела

САД извршија рација и запленија уште еден танкер, кој беше под санкции, во меѓународни води во близина на брегот на Венецуела, потврдија американските претставници за Си-би-ес, партнерска куќа на Би-би-си њуз.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е второ такво запленување овој месец, а доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот објави „блокада“ на санкционираните танкери за нафта што пловат кон и од Венецуела, објави Би-би-си.

Танкерот за сурова нафта плови под знамето на Коморите, но е во сопственост на индиска компанија, која е под американски санкции и која, според претставниците, е поврзана со таканаречената руска флота во сенка, мрежа од бродови што се користат за заобиколување на санкциите за извоз на нафта.

Според извештајот на Си-би-ес, операцијата ја спроведе американската крајбрежна стража, а специјализиран тактички тим се качи на бродот, слично на операцијата претходно овој месец.

Венецуела сè уште не одговорила на најновото запленување од страна на САД, но претходно го обвини Вашингтон дека се обидува да ги украде нејзините нафтени ресурси. Би-би-си контактираше со Белата куќа за коментар.

Во последните недели, САД значително го зголемија своето воено присуство во Карипското Море и извршија смртоносни напади врз бродови за кои тврдат дека шверцувале дрога од Венецуела, при што се убиени околу 100 луѓе.

Сепак, САД не дадоа јавни докази дека бродовите превезувале дрога, а војската е под зголемен надзор од Конгресот како резултат на нападите.

Администрацијата на Трамп го обвинува венецуелскиот претседател Николас Мадуро за водење терористичка организација позната како Картел де лос Солес, што тој жестоко го негира.

Вашингтон тврди дека Мадуро и неговата група користат „украдена“ нафта за „себе финансирање, наркотероризам, трговија со луѓе, убиства и киднапирања“. Венецуела – земјата со најголеми докажани резерви на нафта во светот – во голема мера зависи од приходите од извоз на нафта за финансирање на јавните трошоци.

Најавата на Трамп за „блокадата“ дојде помалку од една недела откако САД го запленија танкерот за нафта Скипер покрај брегот на Венецуела, за кој се верува дека е дел од таканаречената „флота на духови“ која користела различни тактики за да ги прикрие своите операции.

Потоа Белата куќа објави дека бродот бил вмешан во „нелегална испорака на нафта“ и дека ќе биде однесен во американско пристаниште. Венецуелската влада го осуди потегот, а Мадуро рече дека САД го „киднапирале екипажот“ и го „украле“ бродот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ