Како што наведува порталот Балканска безбедносна мрежа, станува збор за баталјон на американската војска од составот на Вториот коњички полк, опремен со борбени возила „страјкер“, кој со засилувањата има до 1.000 луѓе.
„Составот и опремата на американската тактичка група Пума во Романија укажува дека станува збор за дефанзивна единица корисна за одбрана од евентуални препади и воздушни десанти бидејќи е многу мобилна, но ограничена во воената моќ и заштитата од непријателски оган. Упатувањето на таа тактичка група, имајќи ја предвид реалната сила, е потврда на проценката дека станува збор за примарно политички чин, односно покажување сила и превентивна заштита за сојузничката инфраструктура и единиците во Романија“, се наведува во текстот.
Командантот на Вториот коњички полк на војската на САД Џозеф Еверс порача во Романија на 12 февруари дека неговата единица ќе се обучува со војската на домаќинот „во реални услови за да се одвратат противниците и да бидат спремни за одбраната на НАТО“.
„Пентагон оценува дека ангажирањето на тој состав ќе ги држи сојузниците во уверувањето дека зад себе ја имаат најмоќната сила на светот“, се додава.
Станува збор за единица со голема традиција, бидејќи Вториот коњички пол е формиран пред два века.
Современата коњица, како што се додава, сега е опремена со оклопни и теренски возила „страјкер“, ЈЛТВ и „хамви“.
Полкот има четири баталјони со „страјкери“ и по еден артилериски, инженерски и баталјон за логистичка поддршка.
„Во пракса, за конкретната задача се формира наменска единица во чиј состав влегуваат засилувања според оценката за потребата. За потребите на мисијата во Романија извесно е дека на единицата ѝ се придружени артилериска батерија со шест оружја, инженерци, воена полиција, воено-разузнавачка единица, тим за наведување на авијацијата и друго“, пишува порталот.






