Според достапните информации, целта биле и противвоздушни одбранбени системи и можни позиции на ракетни системи што ги користи Иранската револуционерна гарда.
Трамп синоќа на социјалната мрежа Трут соушл објави дека американската војска извршила еден од најмоќните воздушни напади во историјата на Блискиот Исток и го нападнала островот Харг, кој служи како терминал за речиси целиот ирански извоз на нафта.
Footage has now been published by President Donald J. Trump showing today’s strikes against Iranian military targets on Kharg Island in the Northern Persian Gulf, which acts as a port hub for the export of up to 90% of oil products leaving Iran. In the footage, strikes can be… pic.twitter.com/WH3iWw74sE
— OSINTdefender (@sentdefender) March 14, 2026
„Пред малку Централната команда на САД изврши едно од најмоќните бомбардирања во историјата на Блискиот Исток и целосно ги уништи сите ВОЕНИ цели на иранскиот бисер, островот Харг“, напиша Трамп.
Тој додаде дека одлучил да не ја напаѓа нафтената инфраструктура на островот.
„Одлучив да НЕ ја уништам нафтената инфраструктура на островот. Сепак, ако Иран или некој друг направи нешто за да го попречи слободниот и безбеден премин на бродовите низ Ормускиот теснец, веднаш ќе ја преиспитам таа одлука“, порача американскиот претседател.
Трамп го повика Иран да го положи оружјето и „да го спаси она што останало од нивната земја, а тоа не е многу“.
Островот Харг, низ кој минува околу 90 проценти од иранскиот извоз на нафта, се смета за најчувствителна економска цел во Иран.
Харг е корален остров долг околу осум километри во Персискиот Залив, на околу 43 километри од иранскиот брег. Нафтоводите што носат нафта од полињата во централниот и западниот дел на Иран завршуваат таму. Терминалот првично бил изграден од американската нафтена компанија Амоко и бил преземен од Иран за време на револуцијата во 1979 година.
Поголемиот дел од иранскиот брег е премногу плиток за најголемите танкери за нафта, но Харг е близу до длабокото море. Сателитските снимки покажуваат големи товарни пристаништа што се протегаат од источната страна на островот.
Обично помеѓу 1,3 и 1,6 милиони барели нафта минуваат низ Харг дневно. Но, кон средината на февруари, Иран ги зголеми количините на околу три милиони барели дневно, според податоците на инвестициската банка ЏП Морган, во очекување на можен напад предводен од САД. Дополнителни 18 милиони барели се складирани на островот како безбедносна залиха.
Уништувањето на Харг или оштетувањето на извозниот терминал „носи ризик да предизвика долготраен скок на цените на нафтата што нема брзо да се намали“, предупреди пред неколку дена Линет Нусбахер, поранешна офицерка на британската воена разузнавачка служба. Израел не го нападна дури ни за време на минатогодишната 12-дневна војна, а комплексната инфраструктура може да се поправа со години.
„Островот Харг е толку важен за иранската економија што уништувањето на неговите објекти би значело откажување од секоја идеја дека војната се води за да се создаде подобра иднина за Иран“, верува Нусбахер. Ова, вели таа, би го лишило идниот ирански режим од клучни приходи од нафтата.
Обидот за заземање на островот, со оглед на неговата големина, веројатно би барал голема и долготрајна операција, многу поголема од типична операција на специјалните сили. Иако преземањето на островот од страна на САД теоретски би му дало на Вашингтон силен притисок врз Техеран, Нил Квилијам од лондонскиот тинк-тенк „Чатам Хаус“ верува дека таков потег веројатно би имал спротивен ефект.
„Доколку САД го заземат островот, иранската нафтена индустрија би била поделена. Иран би можел да произведува нафта, но нема да може да ја извезува, додека САД нема да можат да произведуваат. Тоа би ги фрлило пазарите во целосен хаос, би претставувало вистински застој“, заклучи аналитичарот.






