„За да се обезбеди континуиран проток на нафта на светскиот пазар, Министерството за финансии издава привремено 30 дневно ослободување со кое на индиските рафинерии им се овозможува да купуваат руска нафта“, објави вчера на социјалните мрежи американскиот министер за финансии Скот Бесент.
„Оваа намерно краткорочна мерка нема да донесе значителни финансиски придобивки за руската влада бидејќи одобрува трансакции што вклучуваат нафта што веќе е на море“, додаде тој.
Бесент нагласи дека „Индија е клучен партнер на САД“ и забележа дека Вашингтон очекува Њу Делхи да го зголеми купувањето на американска нафта. „Оваа привремена мерка ќе го намали притисокот предизвикан од обидот на Иран да го држи светскиот енергетски сектор како заложник“, заклучи тој.
Индиските рафинерии веќе почнаа да купуваат милиони барели итни пратки руска сурова нафта за да се справат со намалените залихи предизвикани од американско-израелската војна во Иран, според шест извори кои разговараа со Ројтерс.
Објавата доаѓа по месеци притисок од Вашингтон врз Њу Делхи да ги намали купувањата на руска нафта во обид да го ограничи клучниот извор на приходи за воените напори на Москва во Украина.
Индија стана еден од најголемите купувачи на руска нафта по почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година, иако рафинериите неодамна почнаа да ги намалуваат купувањата поради зголемениот притисок и заканите за царини од Соединетите Американски Држави.






