Од руските уметници низ цела Европа се бара да се изјаснат против војната на Владимир Путин во Украина или ризикуваат да ги загубат своите работни места.
Во вторникот руската оперска дива Ана Нетребко откажа серија настапи, вклучително и целовечерен концерт во салата на филхармонијата Елба во Хамбург, велејќи дека „ова не е вистинско време за настапи и изведување музика“.

Иако Нетребко викендов на социјалната мрежа објави дека „се противи на оваа војна“, таа изрази и непријатност затоа што ги тераат уметниците „јавно да искажуваат политички ставови и да се одрекуваат од својата татковина“.
Таа во објавата на Фејсбук не го спомнува Владимир Путин, но според бриселскиот портал, Нетребко ја поддржала изборната кампања на Путин во 2014 година и минатата есен го прославила својот 50-ти роденден со концерт во Кремљ.
Во Минхен, Баварската државна опера ја отстрани од репертоарот изведбата на Нетребко, како причина наведувајќи го „недоволното дистанцирање“ од Путин.
Во меѓувреме, во потег што ја одразува општата промена во ставот на Германија кон Москва, рускиот диригент Валери Гергиев во вторникот ја загуби работата во Филхармонискиот оркестар на Минхен, откако не одговори на писмото од градоначалникот Дитер Рајтер, кој од него побарал Гергиев јавно да зборува против Путин.
На Гергиев, пријател на Путин, кој го диригираше концертот во Палмира, Сирија, во 2016 година, откако руските сили помогнаа да се освои градот од Исламска држава, затоа што од почетокот на војната одбива да го критикува Кремљ, му се откажани настапите во Единбург, Париз и Милано.
„Во случајот на Гергиев, кој е толку угледен во Русија и има културна и политичка функција во Русија и на Западот, правилно е да се бара да се изјасни“, изјави Максимилијан Меер, радио и телевизиски водител на баварскиот медиум БР класик.
„Истовремено, би предупредил да не се поставуваат ултиматуми наместо обиди за разговор, бидејќи уметноста треба да служи како мост, а не како оружје“, рече Меер. „Итно ни требаат мостови во иднината.“
Меѓу музичарите што Меер ги интервјуирал во последните години е и латвискиот мецосопран Елина Гаранча. Таа е само еден во низата уметници, вклучувајќи ги Ник Кејв, Иги Поп и групата Грин деј, што поради војната ги откажаа настапите во Русија.
Објаснувајќи ја својата одлука, Гаранча рече дека „не може да ги поддржува луѓето што го поддржуваат Путин и неговиот режим, иако се во замка и не можат да зборуваат отворено и искрено“.
„Политико“ потсетува на снимка на Јутјуб од 2008 година, кое има над 14 милиони прегледи, во кое Гаранча и Нетребко заедно настапуваат во Прага и ја пеат „Убава ноќ, о ноќ на љубовта“ од „Хофмановите приказни“ на композиторот Жак Офенбах.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=0u0M4CMq7uI autoplay:0]Денес, 2022 година, Клаудија Рот, германската министерка за култура од Зелените, му аплаудира на Инстаграм на својот пријател, руско-германскиот пијанист Игор Левит, не поради неговиот музички талент, туку поради неговиот јасен однос кон Путин и војната.
„Да се остане настрана кога еден човек, особено човекот што е лидер на вашата татковина, почнува војна против друга земја и на тој начин ѝ нанесува големи страдања на вашата татковина и на вашиот народ е неприфатливо“, рече Левит во изјавата. „И никогаш, никогаш немојте како изговор да ја користите музиката и тоа што сте музичар. Не ја навредувајте уметноста.“
Украинското Министерство за дигитална трансформација исто така е на став дека уметноста и политиката не треба да се одвојуваат, вели Политико. Министерството во вторникот испрати писмо до платформите Епл мјузик и Спотифај, барајќи од нив да испратат порака до слушателите во Русија: „Додека ја слушате оваа песна, украинските цивили умираат од руските бомби. Бараме од руските граѓани да ја прекинат оваа војна! Да протестираат против режимот!“ Министерството, исто така, побара на уметниците што отворено го поддржуваат Кремљ да им биде целосно забранет пристапот до платформите, вклучувајќи го и рускиот тенор Николај Басков.
Басков, кој има 4,9 милиони следбеници на Инстаграм, минатата недела ги фалеше постапките на Путин како крај на „30-годишната непринципиелна измама на Русија од Западот“, додавајќи дека „тврдењата за мировно НАТО“ се лага.
Дали Басков ќе биде забранет на Спотифај и сличните платформи, останува да видиме. Никој од Спотифај или Епл мјузик не одговорил на прашањата на Политико за коментар.
Во Хамбург, Филхармониската сала Елба веќе го одложи концертот на Нетребко за септември. „Ситуацијата повторно ќе се процени кога ќе дојде време за тоа“, изјави портпаролот на Филхармонијата Мартин Андрис.
Замолкнувањето и отпуштањето на уметниците од која било причина останува незгодна тема во Германија, каде што светото правило за слобода на мислењето често се судира со правата на оние што ги поддржуваат силите што ги загрозуваат либералните вредности.
„Во сегашната ситуација, сите ние ја споделуваме одговорноста да се залагаме за нашите либерални вредности“, рече Анико Мертен, портпаролка за култура на Слободните демократи во германскиот парламент.
Сепак, Мертен изрази неверување кон оние што го поддржуваат Путин и откако почна војната.
„Во случајот со Валери Гергиев, познато е дека тој претходно беше во пријателски односи со Владимир Путин“, рече таа. „Неговото одбивање да се дистанцира од тоа не го претставува во убаво светло.“






