Навални веќе служи две и пол годишна затворска казна во затворски логор источно од Москва за прекршување на условниот отпуст во врска со наводите за кои тој вели дека се измислени, со цел да се ограничат неговите политички амбиции. „Говоревме дека Владимир Путин сака да го задржи Навални засекогаш во затвор. Претстојната пресуда нема никаква правна основа“, напиша на Твитер портпаролката Кира Јармиш.
Јармиш тврди дека обвинителите барале префрлање на Навални во максимално обезбеден затвор, тврдејќи дека тој извршил злосторства во затворскиот логор, со што станал повторен сторител на казнени дела.
„Тринаесет години за измислен случај, за лажни „жртви“, за сведоци кои сведочеле под притисок, а потоа јавно ги демантирале своите сведочења на суд“, напиша Јармиш и додаде дека ќе има уште најмалку едно рочиште пред пресудата.
Руските власти издадоа налог за апсење на Јармиш минатата недела и бараат затворска казна и за неа. Јармиш ја напушти Русија минатата година, откако судот и наметна 18-месечно ограничување на нејзината слобода на движење поради кршење на безбедносните мерки против ковид-19.
Руските власти остро се справуваат со опозицијата, а голем број истакнати сојузници на Навални избраа да ја напуштат Русија наместо да се соочат со ограничувања или домашен притвор. Навални, најгласниот критичар на Путин, беше затворен минатата година при неговото враќање во Русија, откако закрепна во Германија по труењето со нервен агенс за време на посетата на Сибир во 2020 година.
Тој ги обвини руските власти за труењето, што Москва го негира. Навални е активен и во затвор. Преку своите адвокати и сојузници, тој постојано повикува преку социјалните мрежи на антивоени протести против руската инвазија на Украина која започна на 24 февруари.






