„Целта на вежбите е да се подготви запирање и одбивање на надворешна агресија како дел од одбранбената акција“, се вели во соопштението на руското министерство за одбрана.
Според него, маневрите се одвиваат на пет воени полигони, во четири воздушни бази и на „различни места“ во Белорусија, особено во регионот Брест, кој граничи со Украина.
Двете војски не го прецизираа бројот на војници кои учествуваат во маневрите, но Западот вели дека 30.000 руски војници се распоредени во Белорусија како дел од вежбите.
Овие вежби во Киев и на Запад се перцепираат како начин за притисок од Москва, која од ноември групира трупи на границата со Украина.
Русија е обвинета дека сака да започне нова воена операција против Киев, што Кремљ го отфрла, тврдејќи дека сака само да гарантира безбедност пред непријателското однесување на Киев и НАТО.
Тензиите оваа зима доведоа до богати дипломатски активности меѓу Москва и западните престолнини за ублажување на кризата.
Во четврток, британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ќе разговара со својот колега Сергеј Лавров за руско-украинската криза, а германскиот канцелар Олаф Шолц на истата тема ќе разговара со лидерите на Литванија, Латвија и Естонија.






