„Активностите на Мета (матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм) се насочени против Русија и нејзините вооружени сили. Бараме нејзина забрана и итна примена на оваа мерка“, рече портпаролот на ФСБ Игор Коваљевски на сослушувањето, пренесе агенцијата Интерфакс.
Државниот обвинител исто така побара забрана на Мета „поради очигледни знаци на екстремистичка активност“. Сепак, тој побара апликацијата за пораки Ватсап, исто така во сопственост на Мета, да биде исклучена од забраната.
На 11 март руското државно обвинителство побара Мета да биде означена како екстремистичка организација, со што се отвора патот за забрана на сите нејзини активности во Русија.
Барањето е поднесено по одлуката на матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм да ги олеснат правилата во врска со говорот на омраза против руската армија и државниот врв поради воената операција на Москва во Украина. Државното правобранителство оцени дека Мета ги оправдува „терористичките акции“ и поттикнува „омраза и непријателство“ кон Русите.
Руската новинска агенција ТАСС соопшти дека претставник на Мета пред судот во понеделникот изјавил дека компанијата последователно ги променила своите правила за да спречи „русофобија и повици за насилство“.
Инстаграм, Фејсбук и Твитер веќе се блокирани во Русија, каде речиси им е забранет пристапот, освен преку приватна виртуелна ВПН мрежа.
Од почетокот на руската интервенција во Украина на 24 февруари, руската влада значително го зајакна надзорот на информациите на интернет, еден од последните слободни медиумски простори во земјата.
Минатата недела и телекомуникацискиот регулатор Роскомнадзор ја обвини и американската компанија Гугл и нејзиниот видео сервис Јутјуб за терористички активности, што е прва фаза кон можна забрана.






