среда, 1 април 2026

Русите продолжуваат да го гранатираат Чернихов, автобуси на пат кон Мариупол

Објавено на

часот

Сподели

Руските сили продолжуваат да ги држат позициите источно и западно од Киев и покрај повлекувањето на ограничен број војници, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

„Во наредните денови најверојатно ќе има жестоки борби во предградијата на Киев“, се вели во соопштението.

Продолжуваат жестоките борби во Мариупол, клучна цел на руските сили, соопшти Министерството, додавајќи дека центарот на градот сѐ уште е под контрола на украинските сили. Русија неодамна објави дека „радикално ќе ја намали“ својата „воена акција во правец на Киев и Чернихов“ и дека ќе се фокусира само на регионот Донбас, на истокот на земјата.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека автобуси се на пат кон Мариупол во обид да ги евакуираат цивилите од целосно разурнатиот град, кој руските сили го држат опколен од почетокот на инвазијата на 24 февруари.

Руското Министерство за одбрана во средата навечер објави дека локален прекин на огнот ќе има во четврток во 9 часот по средноевропско време во Мариупол. Верешчук рече дека Меѓународниот комитет на Црвениот крст потврдил дека Русија се согласила да отвори хуманитарен коридор за евакуација на десетици илјади цивили.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат дека ја спречуваат евакуацијата на жителите на Мариупол, кој е под жестоки напади на руските сили.

Украинските сили се подготвуваат за нови напади на истокот на земјата, каде што Русите го засилуваат своето воено присуство, откако претрпеа неуспеси во близина на главниот град Киев, изјави во четвртокот украинскиот претседател Володимир Зеленски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ