Тој смета дека Русија и Украина ќе останат само на вербална војна, а според него, најмногу што може да избие е локален конфликт ограничен на две сепаратистички проруски области во Украина.
„Сигурно не би се согласил. Испраќањето наши војници би било ѕвечкање со оружје. Ако Украина не е членка на НАТО, нема причина да испраќаме војници“, рече претседателот Земан во интервју за чешката приватна телевизија ТВ Прима.
Сепак, на чешкиот претседател не му пречи тоа што владата на премиерот Петр Фијала одлучи да испрати помош во оружје за Украина, поточно артилериска муниција, иако тој попрво би ја продавал отколку да ја донира.
„Во вкупниот обем на оружје, 5.000 артилериски гранати се занемарлив процент. Но јас би го следел примерот на Турција, која ѝ продаваше дронови на Украина. Јас би ја продал таа муниција, но го разбирам аргументот дека нам повеќе не ни треба, бидејќи топовите за кои е наменета се исфрлаат од употреба“, рече Земан.
Чешкиот претседател се надева дека сегашните тензии околу Украина и Русија ќе останат на ниво на вербална војна.
„Русите не се будали, а нападот врз Украина би бил чиста добивка само како воено предупредување за Украина, а далеку поголема загуба поради разните санкции. Засега мислам дека тоа е вербална војна на двете страни. И сакам да остане вербална војна бидејќи човечкиот живот е највисока вредност“, рече Земан.
Чешкиот претседател сепак вели дека во Украина може да избие вистински конфликт, но, според него, ќе се ограничи само на две проруски сепаратистички области.
„Тој конфликт, ако се случи, ќе се концентрира на прашањето за двете сепаратистички републики, а тоа ќе биде ограничен територијален конфликт“, рече претседателот Земан.
Соединетите Американски Држави, со неодамнешната најава дека за 14 дена се подготвуваат провокации за Русија да може да ја нападне Украина, Земан ги обвини дека или блефираат или повторно имаат дезинформации како ЦИА за време на нападот врз Ирак во 2003 година, кога не беше пронајдено никакво оружје за масовно уништување.






