Рускиот претседател Владимир Путин неколку пати ги повтори своите барања до Украина: денацификација, демилитаризација, признавање на Крим како руски и признавање на Доњецк и Луганск како независни држави.
„Руската страна на преговорите нема да ѝ попушти за ниту една единствена точка на украинската страна“, рече шефот на Комисијата за надворешни работи на државната Дума и член на руската преговарачка делегација Леонид Слуцки, пренесе Ројтерс.
На територијата на Белорусија веќе се одржаа три круга руско-украински преговори, на кои се разговара за политичките, хуманитарните и воените аспекти на решавањето на ситуацијата во Украина, вели РИА. Страните изјавија дека преговорите ќе продолжат.
„Руската делегација нема да отстапи ниту една преговарачка точка“, рече Слуцки на каналот „Соловјев во живо“ на Јутјуб, додавајќи дека не би сакал да зборува за овие преговори, со оглед на тоа „колку се тешки“.
Утре Лавров и Кулеба во Турција
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров утре во Турција треба да разговара со својот украински колега Дмитро Кулеба.
Лавров денеска пристигнал со авион во јужниот турски град Анталија, според сведок на Ројтерс, пред утрешните планирани разговори со Кулеба.
Состанокот ќе биде прв меѓу највисоките дипломати на нациите откако Русија ја нападна Украина пред две недели.






