Финскиот претседател Саули Нинисто и премиерката Сана Марин денес кажаа дека Финска ќе поднесе барање за придружување во НАТО „без одложување“, што ја наведе Русија да вети дека ќе одговори. Гасот кој се користи во Финска главно доаѓа од Русија, но на гас отпаѓа едвај околу пет отсто од потрошувачката на енергија во земјата.
Но губењето на главниот извор на гас би значело дека индустриските џинови како Нести и Метсе, како и други компании во шумарството, хемиската и прехранбената индустрија, ќе мора да најдат алтернативни извори на енергија или да го прилагодат производството.
Финската влада на 5 мај објави дека е спремна за можноста источниот сосед да ѝ ја прекине испораката на гас на крајот на мај како одговор на одбивањето на Финска да го плаќа гасот во рубли.
Финска и Балтикот, со директни гасоводни врски со Русија, повеќе зависат од рускиот гас од други европски земји. Ако руското снабдување со гас се намали или прекине, Финска, Естонија, Летонија и Литванија ќе мора да го намалат трошењето.






