Сведоци за Ројтерс изјавиле дека слушнале експлозии во Киев, кои звучеле како противвоздушна одбрана.
Русија испали повеќе од 100 дронови на Украина во текот на ноќта, кратко по истекот на тридневниот прекин на огнот прогласен од Москва, за кој двете страни се обвинуваат меѓусебно дека го прекршиле, соопштија украинските воздухопловни сили во неделата.
„Во ноќта на 11 мај (почнувајќи од 2 часот наутро), непријателот нападна со 108 дронови за напад шахед и други видови дронови“, соопштија воздухопловните сили, додавајќи дека 60 од нив биле соборени. Вечерта, биле издадени предупредувања за воздушни напади во многу украински региони, вклучително и Киев.
Кремљ еднострано прогласи тридневно примирје по повод 80-годишнината од победата над нацистичка Германија, со голема церемонија во петок на Црвениот плоштад во Москва.
Нападите се изведени во услови на интензивни европски дипломатски напори, поддржани од САД, за од Москва да се постигне „целосно и безусловно“ 30-дневно примирје со почеток од понеделник, или Русија ќе се соочи со нови „масивни санкции“.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата предложи „директни“ и „безусловни“ преговори меѓу Русија и Украина со почеток во четврток во Истанбул, исклучувајќи ја секоја можност за прекин на огнот што го бараат сојузниците на Киев.
Владимир Путин „не ја исклучи“ можноста за дискусија за прекин на огнот за време на разговорите со Киев, но нагласи дека тие разговори треба да се фокусираат на „корените на конфликтот“.
Москва го оправда почетокот на својата голема офанзива во февруари 2022 година со желба за „денацифицирање“ на Украина, каде што руската армија моментално окупира околу 20 проценти од територијата, со цел да се спротивстави на нејзиното приближување кон Западот и зајакнувањето на НАТО во близина на нејзините граници.