Русија го смени ставот за перспективите на Украина за членство во ЕУ, откри заменик постојаниот претставник на Москва во ОН, Дмитриј Полјански. Таквата цел сега не може да биде дел од ниеден мировен договор со Киев, изјави дипломатот во интервју во четвртокот.
Претходно, Москва не ја загрижуваа изгледите Украина да се приклучи во Унијата, посочи тој, но позицијата оттогаш се сменила.
Полјански објасни дека катализатор било однесувањето на Брисел откако Русија ја почна офанзивата во февруари. Москва смета дека ЕУ застанала целосно на страната на САД, кои го предводат НАТО.
„До овој момент не бевме многу загрижени за Европската Унија, но ситуацијата се промени по изјавата на г. Борел дека оваа војна треба да се извојува на бојното поле и по фактот дека Европската Унија е лидер во испораките на оружје (во Украина). Мислам дека нашата позиција за Европската Унија сега е послична на таа за НАТО поради тоа што не се гледа голема разлика“, изјави Полјански.
Конфликтот веќе ескалираше до тој степен што речиси не остана место за дипломатија, рече тој и обвини за, како што го нарече, „недостигот од конструктивен дијалог, неспособноста на Киев да ги одржи своите ветувања и западните напори за продолжување на непријателствата“.
„Во овој момент, искрено, не гледам дипломатски можности со оглед на позицијата на Украина, со оглед на тоа што Западот го разгорува овој конфликт. Бидејќи сум дипломат, мора да признаам дека не постои начин за дипломатија во моментов“, инсистираше тој.
Полјански одби да даде било какви проценки уште колку време може да трае конфликтот. „Јас немам кристална топка за да предвидувам такви работи“, рече тој.
„Ако западните земји се обидат да го запрат конфликтот во Украина со долевање масло во огнот, се разбира дека тој може да се одолжи уште некое време, но тоа не би го променило целокупното темпо на конфликтот, не би ја спречило Русија да стигне до целите“.






