Советот на Европа на 25 февруари одлучи да го суспендира учеството на руските дипломати и претставници во главните тела на паневропската организација, а одлуката стапи на сила веднаш, како одговор на руската вооружена инвазија на Украина.
„Во согласност со Статутот на Советот на Европа, Комитетот на министри одлучи да го суспендира правото на претставување на Руската Федерација во Комитетот на министри и во Парламентарното собрание, со моментален ефект, како резултат на вооружениот напад на Руската Федерација на Украина“, објавено е тогаш во соопштението.
Одлуката значеше дека Русија останува членка на Советот на Европа бидејќи „суспензијата не е конечна, туку привремена мерка, со што се оставаат отворени комуникациските канали“.
Советот на Европа ја повика земјата „веднаш“ да го прекине „масакрот“ во Украина. Советот на Европа има 47 земји-членки, вклучувајќи ги Русија и Украина. Советот ја санкционираше Русија во 2014 година по анексијата на Крим.






