среда, 1 април 2026

Русија им се закани на земјите од ОН ако биде суспендирана од Советот за човекови права

Објавено на

часот

Сподели

САД во понеделникот објавија дека ќе бараат Русија да биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН откако Украина обвини руски војници дека убиле стотици цивили во градот Буча. Генералното собрание на ОН, кое има 193 членки, ќе гласа за тоа утре. Земја може да биде суспендирана од Советот за човекови права, со седиште во Женева, поради грубо и системско кршење на човековите права.

Руската мисија во ОН ги повика државите „да истапат против антируската резолуција“. Не е познато колку земји ја примиле таа нота. „Треба да се спомне дека поддршката за таа иницијатива или еквидистантна позиција во гласањето – воздржаност или неучество – ќе се смета за непријателски гест“, се наведува во нотата.

„Покрај тоа, позицијата на секоја земја ќе се земе предвид и при развојот на билатералните односи и во работата за прашањата кои се важни за нив во рамки на ОН“, се додава. Руската мисија во ОН одби да го коментира писмото бидејќи не е јавно.

„Очигледната и отворена закана на Русија до земјите кои ќе гласаат да биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН е само нов доказ дека Русија мора веднаш да биде суспендирана од Советот на ОН“, кажа денес Оливија Долтон, портпаролка на американската мисија во ОН.

Од руската инвазија на Украина на 24 февруари Генералното собрание на ОН усвои две резолуции кои ја критикуваат Русија со 141 односно 140 гласови за.

Русија негира дека напаѓа цивили во Украина и рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја кажа во вторникот дека, додека Буча била под руска контрола, „ниеден цивил не доживеал никакво насилство“.

Генералното собрание на ОН во март 2011 едногласно ја суспендираше Либија од Советот за човекови права поради насилството над демонстрантите кои го вршеа силите лојални на тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ