Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг упатија заеднички повик до НАТО да ги запре плановите за понатамошно проширување во источна Европа и да престане со менталитетот на „студена војна“, во екот на ескалацијата на спорот меѓу Москва и воениот блок.
По средбата меѓу двајцата светски лидери денеска во Пекинг, пред отворањето на Зимските олимписки игри, Кремљ го објави соопштението договорено од двете страни, во кое се повикува на дијалог во обид да се намалат тензиите.
„Страните се противат на натамошното проширување на НАТО и ја повикуваат Северноатлантската алијанса да се воздржи од идеолошките пристапи што потекнуваат од времето на Студената војна“, се вели во него и се повикува блокот „да ги почитува суверенитетот, безбедноста и интересите на другите земји, и различноста на нивните цивилизациски и културно-историски правци; и објективно и праведно да се однесува кон мирниот развој на другите влади“.
Двете земји, исто така, ја истакнаа потребата од соработка меѓу владите низ целиот свет, со оглед на предизвиците на брзата економска глобализација, политичките превирања и пандемијата, која сѐ уште е закана за милиони и врши притисок врз меѓународната безбедност.
Тие ги повикаа глобалните лидери „да го зајакнат дијалогот и меѓусебната доверба, да ја продлабочат соработката и да ги бранат универзалните човечки вредности како што се мирот, растот, еднаквоста, правдата, демократијата и слободата“. Покрај тоа, соопштението, објавено на веб-страницата на Кремљ, повикува на „вистински мултилатерализам под централната и координативна улога на ОН и нивниот Совет за безбедност“ и „да се спроведе демократизација на меѓународните односи, да се гарантираат мирот, стабилноста и стабилниот развој на планетата“.
Состанокот меѓу Путин и Си, првата дипломатска лична средба на кинескиот лидер од почетокот на пандемијата на коронавирусот, доаѓа во време на низа предупредувања од западните лидери дека Москва е подготвена да изврши инвазија на соседна Украина и информации за трупање војска во близина на заедничката граница, како и големи заеднички воени вежби што се одржуваат во соседна Белорусија.






