Русија го означи германскиот јавен сервис Дојче веле како странски медиум што врши функција на „странски агент“, објави Ројтерс.
Ваквата одлука руското Министерство за надворешни работи ја најави уште во почетокот на февруари, откако руската влада го затвори студиото на Дојче веле во Москва.
Руското Министерство за правда го додаде Дојче веле на списокот на медиуми што Кремљ ги смета за „странски агенти“, се вели во твит од официјалниот руски профил на германската телевизија.
❗️Медиакомпания DW внесена Минюстом РФ в реестр СМИ-“иноагентов” pic.twitter.com/9QgTZz5pED
— DW на русском (@dw_russian) March 28, 2022
Во Русија медиумите означени како „странски агенти“ на сè што објавуваат треба да додадат предупредување, да објават од каде доаѓа нивното финансирање и да им дадат на властите целосен увид во нивните активности.
„Оваа нова произволна одлука на руските власти, за жал, беше очекувана“, рече Питер Лимбург, генерален директор на Дојче веле. „Уште еден чекор во нападот на слободата на печатот и нов обид да се отсече руското население од слободните информации.“






