„Руската страна постојано нагласува дека сме подготвени да продолжиме со директните преговори со украинската страна. Нашите турски партнери, исто така, постојано нагласуваат дека Истанбулската платформа ни останува достапна – овие врати остануваат отворени“, изјави Иванов за руската државна новинска агенција ТАСС.
Тој рече дека Русија претходно презентирала неколку иницијативи, вклучувајќи предлози за формирање три онлајн работни групи, но „за жал, сè уште не сме добиле позитивен одговор од украинската страна“.
Иванов додаде дека Москва останува отворена за дијалог „доколку Киев покаже политичка волја“.
Во меѓувреме, секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, кој ја предводи делегацијата на Киев за директни разговори со Русија, пристигна во Истанбул во вторник.
Тој на Телеграм изјави дека неговата посета има за цел да ја продолжи размената на воени заробеници. „Деновиве ќе работам во Турција и на Блискиот Исток за да го деблокирам процесот на размена. Имаше договор и треба да го спроведеме“, рече тој.
Русија и Украина одржаа три рунди мировни преговори во Истанбул оваа година, согласувајќи се за размена на затвореници и цивили. Тие, исто така, споделија меморандуми во кои ги наведуваат своите соодветни мисии за ставање крај на војната што започна во февруари 2022 година.
Москва предложи создавање три оналјн работни групи за решавање на политички, воени и хуманитарни прашања, но се чини дека напредокот оттогаш е во застој.
Освен Турција, Обединетите Арапски Емирати, како и Саудиска Арабија и Катар во помала мера, исто така играа улоги во посредувањето во хуманитарните размени меѓу Русија и Украина.






