Средбата се одржа во контекст на енергетската криза предизвикана од конфликтот со Иран и последователното олеснување на американските санкции, објави Гардијан.
Рускиот преговарач Кирил Дмитриев објави на „Телеграм“ дека средбата била продуктивна.
„Разговаравме за ветувачки проекти што би можеле да придонесат за обновување на руско-американските односи и за моменталната криза на глобалните енергетски пазари“, напиша тој.
Дискусиите се одржаа во четврток во Флорида, без учество на украински претставници.
Само неколку часа подоцна, САД издадоа 30-дневно овластување за земјите да купуваат руска нафта и нафтени производи што моментално се на море, со цел стабилизирање на глобалните енергетски пазари потресени од војната во Иран.
Порано оваа недела, САД веќе ублажија дел од санкциите за руската нафта, што предизвика критики дека така се полнат воените каси на Русија. Трамп оваа недела изјави дека Путин, со кого разговарал во понеделник, сакал да биде „од помош“ во врска со војната на Блискиот Исток.
Податоците покажуваат дека Русија заработила 6 милијарди евра од продажба на фосилни горива во двете недели од почетокот на војната меѓу САД и Израел со Иран. Ова имплицира дека во текот на март, Русија остварила дополнителни 672 милиони евра од продажба на нафта, гас и јаглен.






