„Ќе ја уништиме нивната морнарица, ќе ја уништиме нивната авијација и значително ќе ги уништиме нивните ракетни лансери за никогаш повеќе да не можат да се кријат зад тие средства за да дојдат до нуклеарно оружје“, изјави Рубио. „Ги постигнуваме сите тие цели, пред рокот сме за повеќето од нив и можеме да ги постигнеме без никакви копнени сили, без никакви.“
Во врска со тоа зошто се испраќаат дополнителни војници на Блискиот Исток, тој рече дека претседателот Доналд Трамп „мора да биде подготвен за повеќе можни сценарија“, без да прецизира што вклучуваат тие сценарија.
Рубио изјави дека војната ќе заврши за недели, а не за месеци.
„Како што Министерството за одбрана постојано нагласува, ние сме во рамките на рокот или пред рокот во таа операција и очекуваме да ја завршиме во соодветно време, во рок од неколку недели, а не месеци“, рече Рубио.
Тој додаде дека „ништо што Русија прави за Иран на никаков начин не ја попречува или не влијае на нашата операција и нејзината ефикасност“. Си-ен-ен претходно објави дека Русија му доставува разузнавачки информации на Иран за локациите и движењата на американските војници, бродови и авиони, според повеќе извори запознаени со американските разузнавачки извештаи за ова прашање.






