Новинарите го прашаа Рубио зошто фрустрацијата на американскиот претседател се чини дека е подеднакво насочена кон Володимир Зеленски и Владимир Путин, со оглед на тоа што Русија продолжува да напаѓа цивилна инфраструктура и цивили низ цела Украина.
„Тој едноставно не разбира како две земји, кои водат толку сурова, ужасна и крвава војна, не можат да се согласат да ја завршат. Тој сака таа да заврши и направи многу по тоа прашање. Тој инвестираше голем политички капитал во тоа“, одговори Рубио.
Рубио додаде дека најлесниот пат за Трамп ќе беше едноставно да ја продолжи претходната политика што доведе до долготрајниот конфликт, но претседателот наместо тоа инвестираше значителен политички капитал во напорите за завршување на војната.
„Стив Виткоф патуваше низ светот, не знам ни самиот колку пати, на свој трошок, за да се заврши ова. Значи, многу луѓе вложија многу енергија во ова и мислам дека постигнавме напредок во дефинирањето на клучните точки. Но, за жал, некои од прашањата остануваат исклучително тешки“, рече Рубио.
Според медиумските извештаи, Трамп му рекол на Зеленски за време на телефонскиот разговор на 25 февруари дека сака војната да заврши во рок од еден месец.
Подоцна истата вечер, Зеленски рече дека неговиот разговор со Трамп ги опфатил подготовките за билатерален состанок меѓу делегациите на САД и Украина за завршување на војната, како и можни трилатерални разговори во кои би била вклучена и Русија.
Завчера, на четвртата годишнина од инвазијата на Русија врз Украина, Трамп во своето обраќање пред Конгресот рече дека Вашингтон вложува големи напори за завршување на руско-украинската војна.






