вторник, 24 март 2026

Ројтерс: Нетанјаху го увери Трамп дека со нападот врз Иран ќе влезе во историјата

Помалку од 48 часа пред почетокот на американско-израелскиот напад врз Иран, премиерот Бенјамин Нетанјаху разговараше по телефон со претседателот Доналд Трамп за причините за започнување сложена и далекусежна војна, против која американскиот лидер своевремено се залагаше во кампањата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

И Трамп и Нетанјаху знаеја од разузнавачките извештаи дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, и неговите клучни соработници наскоро ќе се сретнат во неговиот комплекс во Техеран, оставајќи ги ранливи на удар насочен кон отстранување на раководството. Сепак, новите информации, според три лица запознаени со повикот, укажуваат дека состанокот бил преместен од сабота навечер во сабота наутро. За овој повик досега не се известувало, јави Ројтерс.

Нетанјаху, решен да ја спроведе операцијата за која се залагаше со децении, тврдеше дека можеби никогаш нема да има подобра можност да се убие Хамнеи и да се одмазди за претходните ирански обиди за атентат врз Трамп, велат изворите.

Ова вклучува и наводен заговор за атентат оркестриран од Иран во 2024 година, кога Трамп беше кандидат. Тогаш Министерството за правда обвини еден Пакистанец за обид за регрутирање луѓе во САД за планот, осмислен како одмазда за американското убиство на командантот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, Касем Солејмани.

Во времето на повикот, Трамп веќе ја одобрил идејата за американска воена операција против Иран, но сè уште не одлучил кога и под кои околности ќе се вклучат САД, рекоа изворите, кои зборуваа под услов на анонимност поради чувствителноста на темата.

Американската војска го зајакнуваше своето присуство во регионот со недели, што доведе многумина во администрацијата да заклучат дека е само прашање на време кога претседателот ќе одлучи да тргне. Еден можен датум, само неколку дена претходно, беше откажан поради лошо време.

Ројтерс не можеше да утврди како аргументот на Нетанјаху влијаел на Трамп, но повикот беше последен апел на израелскиот лидер до американскиот колега. Три извори запознаени со повикот веруваат дека тоа – заедно со разузнавачките информации дека временскиот прозорец за убиство на иранскиот лидер се затвора – било катализатор за конечната одлука на Трамп да ја нареди операцијата „Епски бес“ на 27 февруари.

Нетанјаху тврдеше дека Трамп може да влезе во историјата со тоа што ќе помогне во елиминирањето на иранското раководство, долго омразено на Западот и меѓу многу Иранци.

Тој рече дека Иранците дури би можеле да излезат на улиците и да го соборат теократскиот систем што владее со земјата од 1979 година и оттогаш е главен извор на глобален тероризам и нестабилност. Првите бомби паднаа во сабота наутро, на 28 февруари, а Трамп истата вечер објави дека Хамнеи е мртов.

Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, не коментираше директно за повикот, но за Ројтерс изјави дека воената операција е дизајнирана да „го уништи капацитетот на иранскиот режим да произведува балистички ракети, да ја уништи иранската морнарица, да ја прекине нивната способност да вооружуваат посреднички сили и да обезбеди дека Иран никогаш нема да може да дојде до нуклеарно оружје“.

Канцеларијата на Нетанјаху и иранскиот претставник при ОН не одговорија на барањата за коментар. На прес-конференцијата во четврток, Нетанјаху ги отфрли како „лажни вести“ тврдењата дека „Израел некако ги вовлекол САД во конфликт со Иран“. „Дали некој навистина мисли дека може да му каже на претседателот Трамп што да прави? Ајде ви се молам“, рече тој.

Трамп јавно изјави дека одлуката за напад била исклучиво негова. Извештајот на Ројтерс, врз основа на изјави од функционери блиски до двајцата лидери, не сугерираше дека Нетанјаху го поттикнал Трамп на војна, туку дека тој бил ефикасен застапник чии аргументи – вклучително и можноста да се убие иранскиот лидер кој наводно ги надгледувал обидите за атентат врз Трамп – биле убедливи за претседателот.

Трамп својата кампања за 2024 година ја градеше на надворешната политика „Америка на прво место“ од својот прв мандат и јавно говореше дека сака да избегне војна со Иран, фаворизирајќи дипломатско решение. Но, откако преговорите за нуклеарната програма на Иран пропаднаа минатата пролет, Трамп почна да размислува за напад, според три лица запознаени со размислувањата на Белата куќа.

Првиот напад се случи во јуни минатата година, кога Израел ги бомбардираше нуклеарните постројки и ракетните локации на Иран и уби неколку ирански лидери. Американските сили подоцна се придружија, а по завршувањето на 12-дневната операција, Трамп јавно го изрази своето задоволство од успехот, велејќи дека САД ги „збришале“ нуклеарните објекти на Иран.

Сепак, неколку месеци подоцна, разговорите меѓу САД и Израел продолжија за втор воздушен напад со цел таргетирање на дополнителни ракетни објекти и спречување на Иран да стекне способност за развој на нуклеарно оружје.

До крајот на февруари, многу американски претставници и дипломати сметаа дека нападот врз Иран е многу веројатен. Трамп доби извештаи од Пентагон и разузнавачките агенции за потенцијалните придобивки, вклучително и уништувањето на ракетната програма на Иран.

На 24 февруари, државниот секретар Марко Рубио ги информираше врвните конгресни лидери дека Израел веројатно ќе го нападне Иран без оглед на вмешаноста на САД и дека Иран потоа веројатно ќе возврати на американски цели.

Тоа предупредување се базираше на проценки на разузнавањето дека таков напад навистина би предизвикал ирански контранапади врз дипломатските и воените објекти на САД и сојузниците на САД во Заливот. Предвидувањето се покажа како точно.

Нападите доведоа до ирански контранапади врз воените средства на САД, смрт на повеќе од 2.300 ирански цивили и најмалку 13 американски војници, напади врз сојузниците на САД во Заливот, затворање на една од најважните бродски линии во светот и историски скок на цените на нафтата.

На Трамп му беше кажано и дека има мали шанси атентатот врз иранските лидери да доведе до тоа владата во Техеран да биде поподготвена да преговара со Вашингтон. Можноста за промена на режимот беше еден од аргументите на Нетанјаху во повикот кратко пред Трамп да ги издаде своите последни наредби.

Овој став не го делеше ЦИА, која неколку недели претходно процени дека Хамнеи веројатно ќе биде заменет со некој тврдокорен од потесниот круг во случај на атентат. По смртта на Хамнеи, Трамп постојано повикуваше на востание.

Со војната која влегува во четвртата недела и регионот зафатен од конфликт, Иранската револуционерна гарда продолжува да патролира по улиците, а милиони Иранци остануваат во своите домови. Синот на Хамнеи, Моџтаб, кој се смета за уште потежок противник на Америка од неговиот татко, беше назначен за нов врховен лидер на Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ