Претставниците на еколошките организации и активистите, кои бараат со закон трајно да се забрани ископувањето литиум и бор во Србија, тврдеа дека Рио Тинто е активен на теренот во околината на Јадар, и покрај одлуката на владата да ја сопре изградбата на рудникот за литиум. Владата на Србија на 20 јануари соопшти дека „става точка“ на проектот Јадар и дека ги укинува сите управни акти поврзани со Рио Тинто.
На прашањето да ги искоментираат тврдењата на еколошките организации дека и понатаму купуваат земјиште, работата на изградба на гасовод и го зголемуваат бројот на вработените во локалните канцеларии, од Рио Тинто наведоа дека „одговорно ќе го одржуваат земјиштето и објектите кои се во сопственост на компанијата и со нив ќе управуваат во најдобар интерес на заедницата и животната средина“.
„Посветени сме и на исполнување на договорните обврски кон нашите добавувачи, изведувачите на работи и локалната заедница. Нашата обврска е целиот имот кој е во сопственост на компанијата да го одржуваме безбеден, како и да ја обезбедуваме сигурноста на нашите тимови и соработници“, се наведува во соопштението на Рио Тинто.
Компанијата не одговори конкретно на прашањето дали е точно дека и понатаму купуваат земјиште и кучи.
Без одговор остана и прашањето дали компанијата разгледува одредени правни чекори против Србија и кои, поради одлуката на српската влада да ја сопре изградбата на рудникот за литиум.
Рио Тинто непосредно по одлуката соопшти дека „разгледува правни основи за таква одлука и импликациите кои може да ги имаат по активностите и луѓето во Србија“.
Еколошките организации, кои со месеци протестираа со барање владата да го спречи доаѓањето на Рио Тинто во долината на Јадар, сега бараат експлоатацијата во Србија трајно да се забрани со закон.
Претставниците на власта негативно одговорија на ова барање на организациите.
Во меѓувреме се распишани и вонредни парламентарни избори за 3 април. Еколошките активисти најавија дека барањето за трајна забрана за копање литиум и бор „ќе ја чека и следната влада“, како и дека ќе продолжат со протестите додека тоа не се исполни.






