четврток, 2 април 2026

Разорен земјотрес во Индонезија, урнати згради, има загинати (ВИДЕО)

Силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени го погоди северниот дел од Молучкото Море покрај брегот на Индонезија, а издадено е и предупредување за цунами, објави Американскиот геолошки завод (УСГС).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Индонезиските власти издадоа предупредувања за цунами за делови од покраините Северен Малуку и Северен Сулавеси, додека локалните власти во градовите како Тернате и Тидор ги повикаа жителите да бидат подготвени за евакуација.

Според американскиот систем за предупредување од цунами, можни се опасни бранови во радиус од 1.000 километри од епицентарот, по должината на бреговите на Индонезија, Филипините и Малезија. Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами соопшти дека бранови помеѓу 0,3 и еден метар над нивото на морето би можеле да погодат некои крајбрежни области на Индонезија.

Пониски бранови се можни и по должината на бреговите на други земји во регионот, вклучително и Јапонија, каде што се очекуваат бранови до 0,2 метри без значителни последици. Предупредувањето потоа беше повлечено. Епицентарот на земјотресот бил на околу 120 километри од градот Тернате во покраината Северен Малуку.

Седумдесетгодишна жена загинала откако била потрупана од урнатини, потврди локалната служба за пребарување и спасување. Жртвата била жител на округот Минахаса во Северен Сулавеси.

Спасувачите објавија и видео снимка од тешко оштетена зграда во Манадо, град на северниот врв на островот Сулавеси. Снимката прикажува луѓе собрани над купишта урнатини околу зграда управувана од националниот спортски комитет, а во позадина се слушаат извици „О, Боже“.

Големи парчиња мебел биле расфрлани по земјата, додека металните конструкции биле свиткани и деформирани.

Индонезиските градови Манадо и Тернате се во близина на епицентарот на земјотресот што утрово го погоди Молучкото Море. Епицентарот бил регистриран на половина пат помеѓу Тернате, 120 километри источно, и Манадо, 160 километри западно од местото на земјотресот.

Манадо е град кој се наоѓа на островот Сулавеси, додека Тернате се наоѓа на еден од помалите Молукански острови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ