Тензиите го покажуваат ризикот од европското потпирање на Русија во снабдувањето со енергија, кои покриваат дури една третина од потребите за природен гас на континентот.
Залихите на Европа веќе се мали, а САД, кои ветија дека ќе им помогнат на европските земји со зголемување на извозот на течен природен гас, ни оддалеку не можат да ги задоволат потребите на Европа.
Цените на гасот на светскиот пазар веќе драстично скокнаа, оптоварувајќи ги домаќинствата и претпријатијата, а побарувачката во Европа расте бидејќи таа речиси ги исцрпе залихите поради ланската мошне студена зима, а во текот на летото произведуваше значително помалку енергија од обновливи извори.
Никој со сигурност не знае дали Русија ќе ја прекине испораката на гас за Европа, но целосното прекинување се смета за малку веројатно, бидејќи тоа би било штетно за двете страни, вели Асошиејтед прес.
Руските власти не навестија дека ќе размислат за намалување на испораките во случај на нови санкции. Москва се потпира на извозот на енергија. И покрај договорот за гас што го потпиша со Кина, Европа е нејзиниот клучен извор на приход.
Европа е зависна од Русија, така што сите западни санкции веројатно би избегнале директно целење на руските енергенси.
Според експертите, поверојатно е Русија да го ускрати гасот што се транспортира со гасоводот низ Украина.
Русија минатата година испумпа 175 милијарди кубни метри гас во Европа, од кои речиси четвртина преку Украина, според С и П Глобал плац.
Во тој случај, гасоводот под Балтичко Море, кој директно го поврзува европскиот пазар со големи резерви на природен гас во Сибир, сепак би бил во функција.
„Мислам дека во случај на помал руски напад врз Украина, Русите речиси сигурно ќе го запрат транзитот на гас преку Украина до Германија“, изјави поранешниот американски дипломат Ден Фрид.
Русија тогаш би можела да го надомести тој гас доколку Германија го одобри контроверзниот нов гасовод Северен тек 2, чии оператори би можеле да се соочат со потенцијални американски санкции.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан денеска за Ен-би-си изјави дека администрацијата на Бајден се договорила со своите сојузници и дека „ако Русија ја нападне Украина, на овој или оној начин, Северен тек 2 нема да биде покренат“.
Прекинот на снабдувањето со гас надвор од украинските гасоводи е помалку веројатен, смета Фрид.
Администрацијата на Бајден разговараше со производителите на гас низ целиот свет за тоа дали можат да го зголемат производството и испораката во Европа, и работи на утврдување на испораките на природен гас од Северна Африка, Блискиот Исток, Азија и САД.
Во јануари две третини од американскиот извоз на течен природен гас отидоа во Европа, а некои бродови со гас што се упатија кон Азија ја променија рутата и отпловија кон Европа, чии клиенти понудија повисока цена, соопшти СиП.
Во својата анализа Асошиејтед прес оценува дека во светот нема доволно течен гас што би можел да го реши проблемот со снабдувањето во случај Русија целосно да ги прекине испораките. Барем не преку ноќ.






