Истакна дека Западот се труди да ја затрупа руската култура со откажувањето на делата на големите композитори Пјотр Илич Чајковски, Дмитриј Шостакович и Сергеј Рахмањинов, и ги забранува руските писатели и нивните книги.
„Денес се обидуваат да ја поништат целата илјада години стара држава, нашите луѓе. Зборувам за прогресивната дискриминација на сè што е поврзано со Русија, за трендот кој се одвива во низа западни држави и со многу поддршка, понекогаш и со охрабрување од владејачките елити. Озлогласената култура на поништување се претвори во укинување на културата“, кажа Путин на состанокот со лауреатите на Претседателската награда за книжевност и уметност во Москва.
Путин наведе дека Џ.К. Роулинг е доказ дека Западот ја сака културата на поништување и во согласност со неа сега се однесува кон Русите. Ја спореди културата на поништување со нацистичкото палење на книги во триесеттите години од минатиот век.
„Последен пат нацистите во Германија, пред речиси 90 години, водеа таква кампања на уништување на една непожелна култура. Добро е што се сеќаваме на запалените книги на јавните места. Сега сакаат да ја поништат и Русија, руската култура“, кажа Путин.
Руските власти често во последниот месец, откако почна руската инвазија на Украина, го споредуваат Западот, кој го обвинуваат дека води русофобна кампања, со нацистичка Германија.
Големите спортски федерации и значајни културни места на Западот ги исклучија руските спортисти и уметници, а од програмите се отстрануваат и руските гости.






