„Нашата земја е секогаш отворена за директен и искрен дијалог со цел да се изнајдат дипломатски решенија за најсложените проблеми“, рече Путин во телевизискиот говор по повод Денот на бранителите на татковината.
„Сепак, не можеме да преговараме за интересите и безбедноста на нашите граѓани“, продолжи Путин, кој од Западот бара гаранции како што е ветувањето дека Украина никогаш нема да се приклучи на НАТО и дека НАТО нема да се распоредува на руските граници.
Наведувајќи го како закана за Русија слабеењето на системот на контрола на вооружувањето и воените активности на НАТО, рускиот претседател уште еднаш рече дека Западот не одговорил на она што ја загрижува неговата земја.
Путин, исто така, вети дека ќе продолжи да ги развива способностите на руските вооружени сили, напредните дигитални технологии и вештачката интелигенција, како и хиперсоничното оружје.
Русија во последните години разви хиперсонични ракети, за кои тврди дека се непобедливи. Земјата е обвинета за големи сајбер напади и кампањи на дезинформации насочени кон нејзините противници. Русија во понеделникот ја призна независноста на двата сепаратистички региони во источна Украина, што предизвика страв од воена ескалација на прагот на ЕУ.






