Рускиот претседател Владимир Путин се извини откако неговиот министер за надворешни работи рече дека нацистичкиот лидер Адолф Хитлер имал „еврејска крв“, соопшти Израел.
Путин се извини во разговорот со израелскиот премиер Нафтали Бенет, се вели во соопштението на неговата канцеларија.
Во рускиот извештај за разговорот не се споменува извинување.
Сергеј Лавров го даде коментарот за да се обиде да го оправда руското прикажување на Украина како „нацистичка“ и покрај фактот дека нејзиниот претседател е Евреин.
Лавров зборуваше за италијанската телевизија во неделата, неколку дена откако Израел го одбележа Денот на сеќавањето на холокаустот – една од најсвечените дати во израелскиот календар.
На прашањето како Русија може да тврди дека се бори за „денацификација“ на Украина кога самиот претседател Володимир Зеленски е Евреин, Лавров рече: „Може да грешам, но Хитлер имал и еврејска крв. (Тоа што Зеленски е Евреин) не значи апсолутно ништо. Мудрите Евреи велат дека најжестоките антисемити обично се Евреи“.
Коментарите предизвикаа бес во Израел. Нацистичка Германија уби шест милиони Евреи во холокаустот во Втората светска војна.
Израел побара извинување, а Бенет набргу потоа рече дека „таквите лаги имаат цел да ги обвинат самите Евреи за најстрашните злосторства во историјата и на тој начин да ги ослободат угнетувачите на Евреите од нивната одговорност“.
Во изјавата од четвртокот, кабинетот на Бенет соопшти дека тој го прифатил извинувањето на Путин и „му се заблагодари што го разјасни својот став за еврејскиот народ и сеќавањето на холокаустот“.
Русија рече дека тие разговарале за холокаустот, но не рече дека Путин се извинил.
Израел се обиде да посредува меѓу Русија и Украина, но се соочи со критики дека не зазема поостра линија против претседателот Путин.
Израелските медиуми оваа недела објавија дека Израел размислува да ја зголеми својата воена и цивилна помош за Украина.






