„Спроведувањето на проектите во арктичката зона на Руската Федерација не може да се одложи поради притисокот од санкциите, напротив, неопходно е да се зголеми темпото на нивното спроведување“, рече Путин, а пренесува руската агенција ТАСС.
„Сега, земајќи ги предвид различните надворешни ограничувања и притисоци од санкциите, треба да посветиме посебно внимание на сите проекти и планови поврзани со Арктикот. Не ги одложувајте, не ги тргајте настрана“, додаде тој.
Тој рече дека задачите на Русија на Арктикот првенствено се однесуваат на социјалната сфера и дека „најчувствителните прашања за граѓаните секогаш треба да бидат во центарот на вниманието на властите“.
„И во екстремните услови на Арктикот, зборуваме за здравје, безбедност на луѓето, животна поддршка на цели градови и населби“, рече Путин.
Тој особено се осврна на западните санкции и на последиците од тие санкции, иако директно не ја коментираше ситуацијата во Украина.
Тој наведе дека сега „како резултат на акциите на непријателските земји се прекинати голем број транспортни и логистички синџири“ и дека некои странски компании „не ги исполнуваат своите договорни обврски или не ги исполнуваат во целост“.
„Се разбира, во сегашната ситуација, тоа ни создава одредени тешкотии, но ги имаме сите ресурси и сите можности брзо да најдеме алтернативни решенија и долгорочно дополнително да ја зајакнеме нашата независност од надворешни фактори. Исклучително важна задача“, изјави Путин.
Но, рускиот претседател му се обрати на Западот, велејќи дека „одбивањето нормална соработка на западните земји со Русија подеднакво им наштети и на европските земји и на САД“.
Путин рече дека, иако на Русија ѝ штетат западните санкции, тоа отвора „нови можности за испраќање енергетски ресурси во земјите каде што тие ресурси се навистина потребни“.
Потоа повторно се осврна на проектите на Арктикот.
„Русија е отворена за заедничка работа со сите заинтересирани партнери, како во рамките на сегашните, така и во идните програми и проекти на Арктикот“, рече шефот на државата.
„Ние не го гледаме Арктикот како поле на геополитички интриги, туку како територија на дијалог, стабилност и конструктивна соработка“, додаде тој, и ја нагласи важноста од спроведувањето приоритетни инвестициски проекти на Арктикот, од што во голема мера зависи натамошниот развој на арктичките региони и благосостојбата на нивните жители и исполнувањето на обврските на Русија кон одговорните деловни партнери.
Руската соработка со другите земји на Арктичкиот совет – Канада, Данска, Финска, Шведска, Норвешка, Исланд и Соединетите Држави – е драстично нарушена од почетокот на руската инвазија на Украина.






