недела, 1 февруари 2026

Путин: Ние не сакаме војна во Европа, но НАТО бомбардираше европски главен град

Објавено на

часот

Сподели

Путин рече дека Русија не сака војна, но рече дека исто така не добила конструктивен одговор на предлозите што ги дала. Тој наведе дека сега треба да се реши прашањето за пристапување на Украина во НАТО во иднина, и покрај фактот што Украина е далеку од покренување на барањето за членство.

Тој рече дека руските власти се подготвени да разговараат за некои прашања, вклучително и за безбедноста и ракетите.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференцијата рече дека трупањето руски војници на украинската граница е закана. Тој рече дека ова е неразбирливо и повика на деескалација во регионот.

Шолц ја спомена и загриженоста за гасоводот Северен тек 2, кој е завршен, но сè уште не е во функција. Рече дека Германија е посветена да обезбеди функционирање на транспортот на гас во Европа, но додаде дека војната во Украина би имала далекосежни последици.

Рускиот претседател го истакна енергетскиот сектор како клучна област на соработка со Германија, наведувајќи го гасоводот Северен тек 2 меѓу двете земји.

Тој рече дека тоа е „чисто комерцијален проект“, кој нема никаква врска со политиката. Тој, исто така, рече дека Русија е среќна што ќе продолжи да испорачува гас преку Украина доколку има побарувачка за него.

Путин истакна дека Германија ѝ е клучен партнер на Русија и дека тој би сакал да ги зајакне нивните односи.

Рече дека НАТО не ги исполнува основните барања на Русија и дека не треба да се шири на штета на другите земји. Но додаде дека е подготвен да разговара за европските безбедносни прашања и прашања поврзани со ракетите и нивното распоредување.

Запрашан дали ја отфрла можноста за војна во Европа, Путин се осврна на претходните изјави на Шолц дека неговата генерација не може да замисли војна во Европа. Но, како што рече Путин, на подрачјето на поранешна Југославија имаше војна во 1990-тите. Таа војна, рече Путин, ја иницираше НАТО. „НАТО го бомбардираше Белград, главниот град на една европска земја.“

Додаде дека Русија не сака војна и дека затоа дала предлози за почеток на преговори. Но, рече тој, нема конструктивен одговор на нивните предлози. Сепак, сѐ уште има простор за преговори, порача Путин.

Рускиот лидер ја обвини Украина за геноцид во регионот на Донбас, кој е под контрола на проруските бунтовници.

Запрашан за проширувањето на НАТО, Путин рече дека во последните 30 години во повеќе наврати било кажано дека нема да има проширување на НАТО. „Но денес ја гледаме инфраструктурата на НАТО пред нашата врата“, рече тој.

„Се надеваме дека нашите партнери ќе слушнат што нѐ загрижува и ќе нѐ сфатат сериозно“, додаде тој за можноста Украина некогаш да стане членка на НАТО.

Главното барање на Русија е Украина да не влезе во НАТО.

Во меѓувреме, САД и Русија и понатаму водат преговори, објави Би-би-си. Во моментов се водат телефонски разговори меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ